Денеска на прес конференција, по состанокот во Владата за зголемување на пензиите, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска истакна дека започнала дискусијата за измени на методологијата за усогласување на пензиите.
Владата, како што посочи Тренчевска, заедно со претставниците од здружението на пензионерите и партијата на пензионерите го отвориле ова важно прашање кое има за цел унапредување на животниот стандард на пензионерите.
„Дискусијата за растот на пензиите ќе продолжи во периодот што следува со цел да дојдеме до најдоброто решение кое ќе донесе раст на пензиите на долг рок. Нашите пензионери имаат право на достоинствена старост“, рече Тренчевска.
Според Тренчевска, покачувањето на пензиите нема да зависи од ничија политичка волја.
„Ова ќе значи придобивка за околу 333 илјади наши граѓани – пензионери, создаваме систем според кој пензионерите ќе имаат сигурност и покачувањето на нивните пензии нема да зависи од ничија политичка волја или од тоа дали ќе има избори. Носиме решение на долг рок“, вели Тренчевска.
Според најавите од претставниците, следната средба се очекува да се одржи следниот месец, за кога очекуваат постигнување на конечното решение.