Македонскиот јавен простор подолго време е доминиран од политички конфликти и дневни прес-конференции, додека голем број важни процеси остануваат недоволно следени, смета политичкиот аналитичар Сашо Ордановски.
Во разговор за 4ТВ.мк, Ордановски посочи дека голем дел од вниманието во јавноста е насочено кон една тема, додека другите случувања остануваат во сенка.
„Немало одамна ваков период во кој 80-90 проценти од времето сме окупирани со една тема, како што е Бугарија. Секој ден имаме неколку прес-конференции, провокации од едната или другата страна, а меѓу тоа се случуваат разноразни работи за кои јавноста нема доволно интерес“, рече Ордановски.
Тој смета дека дел од проблемот е и во начинот на кој медиумите го креираат дневниот ред, но и во политичката комуникација која, според него, се повеќе се базира на односи со јавноста.
„Главно се слушаат прес-конференции, а тие најчесто се конфликтни, бидејќи конфликтот носи гледаност“, оцени тој.