Македонија

Политико: ЕУ првпат ќе утврди јасни временски рамки за пристапување за четири водечки кандидатки, меѓу нив не е Македонија

Политико: ЕУ првпат ќе утврди јасни временски рамки за пристапување за четири водечки кандидатки, меѓу нив не е Македонија

Европската Унија подготвува прилагодени патокази за пристапување за четири земји кандидатки, известува Политико, повикувајќи се на извори од Европската комисија. Брисел разработува детални, чекор по чекор акциски планови за членство за Украина, Молдавија, Црна Гора и Албанија – државите што најмногу напредувале кон интеграција.

За првпат, документите ќе утврдат индикативни временски рамки (рокови) за затворање на преговарачките кластери, заедно со јасен сет услови. Откако овие мерила ќе бидат исполнети, кандидатките ќе имаат загарантиран прием во блокот.

Патоказите ќе ги дефинираат не само обврските на земјите кандидатки, туку и обврските на постојните членки на Европската Унија, чија едногласна согласност е неопходна за напредок на разговорите. Брисел размислува за модел на „постепена интеграција“, според кој земјите би добивале пристап до единствениот пазар и одбрани европски проекти во фази, паралелно со спроведување реформи, наместо да чекаат на формално, конечно членство.

Истовремено, официјални претставници потврдуваат дека други кандидатки што се во порана фаза на процесот – како Косово, Северна Македонија и Босна и Херцеговина – засега нема да добијат патокази. „Ниту ќе бидат понудени на Грузија, Турција и Србија, чии кандидатури се стопирани поради загриженост за назадување во демократијата и правосудството“, пишува Политико.

Портпарол на Комисијата потврди дека новите патокази „ќе обезбедат пат кон затворање на преговорите за пристапување“. Тие ќе утврдат јасен сет приоритети: временски рамки и очекувани резултати осмислени да им помогнат на најнапреднатите кандидатки да ги довршат неопходните структурни реформи.

Нацрт-документ за реформата на процесот на проширување ќе им биде претставен на високи дипломати на 6 октомври, а шефовите на држави и влади на ЕУ треба да ги разгледаат новите механизми на самит во Брисел на 15–16 октомври.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни