Вооружениот маж кој вчера попладне се обиде да упадне во зградата на ФБИ во Синсинати, Охајо и избега, беше застрелан од полицијата по едночасовна потера, пренесе АП.
Мажот, кој сè уште не е идентификуван и носел панцир, побегнал од канцеларијата на ФБИ со автомобил, патувајќи по Interstate 71 пред да сврти на селски пат каде го оставил својот автомобил. Тој бил застрелан откако вперил пиштол кон полицајците, изјави портпаролот на државната патрола за автопати. Нема повредени полицајци.
Инцидентот доаѓа во време на предупредувањата од федералните власти за можно зголемување на заканите против агентите на ФБИ по рацијата на имотот на поранешниот претседател Доналд Трамп на Флорида.