Возачите во Македонија во иднина ќе можат да бидат регистрирани при сообраќаен прекршок и без да поминат покрај фиксна камера. Министерството за внатрешни работи планира да ги опреми полициските возила со камери кои ќе ја мерат брзината додека се во движење, а дополнително ќе набавува и мобилни уреди за контрола на сообраќајот.
Ова го најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, посочувајќи дека досегашните анализи покажале оти поставувањето камери само на однапред утврдени локации нема да има доволен превентивен ефект.
Според него, целта е возачите да бидат свесни дека можат да бидат откриени доколку ги прекршат сообраќајните правила, без оглед на тоа на кој пат или локација се наоѓаат.
Поради тоа, експертите предложиле постојните полициски возила да се опремат со камери способни да ја регистрираат брзината на другите возила и за време на движење. Паралелно, предвидена е набавка на мобилни камери кои ќе се поставуваат на таканаречените црни точки, каде што најчесто се случуваат сообраќајни несреќи со смртни последици и тешко повредени лица.
Тошковски најави дека ќе се работи и на идентификување на сите ризични сообраќајни локации во државата, како во градските средини, така и на магистралните и експресните патишта.
Осврнувајќи се на реакциите и критиките за проектот „Безбеден град“, министерот посочи дека во изминатите 15 години во сообраќајни несреќи во земјава загинале повеќе од 2.000 луѓе.
Тој порача дека активностите за зголемување на безбедноста нема да завршат со поставувањето на камерите, туку ќе продолжат и со други мерки насочени кон намалување на сообраќајните несреќи и подобрување на безбедноста на патиштата.