Доделувањето средства од Министерството за култура за проектот Нов Културен Бран 2019, ја изреволтира и пејачката Леонора Пољоска. Таа вели дека ќе го откажат Концертот “20 години со песните на Леонора Пољоска и Артан Кастрати“, доколку министерството не им додели 600 илјади денари, колку што побарале. Пољоска рече дека сумата од 100 илјади денари одобрени од Комисијата, е смешна. Според неа тие средства не се доволни ниту за озвучувањето, а не за голем професионален концерт.
„Навистина е смешно, бидејќи таа сума не го покрива ни озвучувањето на концертот што сакаме да го направиме. Ние не зборуваме за концерт од низок ранг, туку сакаме да направиме нешто убаво, а тие пари од фондот се за тоа. Оваа работа не треба да претставува проблем.
-Ако останете со 100 илјади денари, има ли шанси концертот да не се одржи?
Јас реков, овие пари не го покриваат ни озвучувањето, па сега вие пресметајте“, рече Пољоска.
Пејачката има едно прашање за комисијата, дали се тие компетентни за нивните работни места. Леонора вели дека тие сигурно не биле ни родени кога тие почнале да се занимаваат со уметничка дејност, пред 25 години, таа и композиторот Артан Кастрати, затоа можеби не ги ни познаваат.
„Ние двајцата сме револтирани. Од еден аспект јас можеби го разбирам ова, бидејќи луѓето кои се таму, кои ни одговорија, во времето на нашата дејност, значи пред 25 години, сигурно не биле ни родени, затоа ни дадоа таков одговор. Всушност јас не сакам да ги прашувам, дали се компетентни за тие работни места кои ги добиле во министерството, имаат ли дипломи од музичко училиште како што има Артан и останатите“, рече Пољоска.
Композиторот Артан Кастрати го обвини Министерството за култура за нерегуларност и корупција при доделувањето средства за Нов Културен Бран 2019, но Исмет Рамадани, претседател на Комисијата за кулутра ги нарече лаги и измислици неговите обвинувања. Комисијата пред камерите вчера ја отвори апликацијата на Кастрати, на која, како што велат, се напишани само две реченици. Како што вели, Рамадани имајќи предвид дека се работи за познато и докажано име, одобрени му се средства за проектот, иако не бил добро подготвен. Кастрати утре ќе поднесе жалба до Министерството за култура. Инаку вкупниот буџет за Нов Културен Бран каде спаѓа и овој концерт, за оваа година изнесува 20 милиони денари а според списокот, средства добиле 154 апликанти.