Помош на пат: Еве што треба да направите доколку дојде до прегревање на моторот на автомобилот

Топлата временска прогноза во комбинација со долги патувања, може да доведат до проблеми со системот за ладење на моторот.

За овој проболем кој може на секому да му се случи, пишува „Ревијахак“ од каде се апелира што се треба да направите доколку дојде до прегревање на моторот.

Прегревањето на моторот по некое непишано правило се случува таму каде што најмалку сакаме, било тоа да е на автопат или на некое место на отворено, каде што нема да можеме да се сокриеме. Доколку се најдете во таква ситуација, еве неколку совети.

Кога стрелката за температурате ќе влезе во црвеното поле, погрешно е веднаш да го изгасите моторот, затоа што тогаш престанува циркулацијата на разладната течност и доаѓа до уште поголема температура која може да доведе до оштетување на моторот. Тоа важи за турбо моторите кои се ладат со маслото, а работат на висока температура.

Доколку е можно, оставете го моторот да работи во лер и исклучете ја климата. Ако немате деца во автомобилот, вклучете го греењето, а вентилаторот наместете го на најголема брзина, така значајно ќе го разладите моторот.

Доколку сте во можност, отворете ја и хаубата, но никако немојте да го отворате капачето на ладилникот, затоа што течноста е под голем притисок и може да дојде до последици.

Во случај да немате мерач на температура во вашето возило и автомобилот да ви прегреал, тогаш треба да го изгасите моторот.

На крајот пред секое долго патување, посетете механичар, проверете ја течноста во ладилникот, и нивото на маслото во моторот.