Американскиот државен секретар Мајк Помпео попладнево пристигна на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, каде беше пречекан од министерот за надворешни работи Никола Димитров. За време на неколкучасовниот престој во Охрид, предвидено е државниот секретар на САД да оствари одделни средби со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев. На средбите Помпео уште еднаш ќе истакне дека Договорот од Преспа е исклучителен и храбар чекор на лидерите на Северна Македонија и на Грција за стабилизација и просперитет на регионот и за влез на земјата во НАТО и во ЕУ. Велат дека САД се фокусирани на Западен Балкан како стратегиски важен дел од идејата за обединета Европа. Помпео, кој е 70-ти американски државен секретар, посетата на регионот ја започна од Ватикан, од каде што замина за Црна Гора, а по посетата на нашата земја заминува за Грција. Претседателот Стево Пендаровски посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео ја оцени како враќање на голема врата на САД во регионот.