Министерството за образование и наука започна постапка за поништување на академски дипломи на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Славјанскиот универзитет, по утврдени сериозни неправилности во процесот на нивно издавање. Случаите се веќе доставени до Јавното обвинителство, кое ќе ја продолжи постапката.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, информираше дека на Филозофскиот факултет при УКИМ се поништуваат осум дипломи поврзани со претходно спорни уписи, а постапката опфаќа вкупно 17 студенти.
Дел од нив биле запишани на втор циклус студии и веќе се стекнале со магистерски дипломи, додека други го продолжиле образованието на трет циклус, односно докторски студии. По завршување на интерните процедури, факултетот треба да поништи уште едно уверение, по што МОН ќе ги поништи и останатите документи.
Вториот случај се однесува на приватниот Славјански универзитет, каде се поништени две дипломи издадени на еден ист студент. Според информациите, постои сомнеж дека лицето истовремено било запишано на додипломски и постдипломски студии.
„Постои сериозно сомнение дека станува збор за фалсификувани документи“, изјави министерката Јаневска.
Таа додаде дека МОН постапува исклучиво согласно законските процедури и дека нема разлика помеѓу државните и приватните високообразовни институции. „Секаде каде што ќе се утврдат неправилности, ќе се реагира. Обвинителството понатаму ќе ја води постапката“, истакна Јаневска.
Информациите за поништените дипломи ќе бидат јавно објавени во дневниот печат и на веб-страницата на Министерството за образование и наука.
Постапката следи по вонреден надзор на Државниот просветен инспекторат, кој утврдил дека на Филозофскиот факултет при УКИМ од 2019 година биле вршени незаконски уписи на студенти на магистерски и докторски студии.
Станува збор за лица со завршени тригодишни стручни студии, кои според Законот за високо образование од 2018 година немаат право на директен премин во втор и трет циклус студии.
Раководството на факултетот веќе донело одлука за прекин на студирањето на 11 студенти – седум на магистерски и четворица на докторски студии. Досега осум од нив веќе се стекнале со магистерски дипломи, додека ниту еден студент не докторирал.
