ПОРАДИ обилните снежни врнежи во поголемиот дел од Јапонија, откажани се 100 летови и блокирани десетици патишта, додека сообраќајот на возовите е во прекин, објавија јапонските власти и авиокомпаниите и железничките компании.
Домашните авиокомпании, вклучително и АНА, Јапонија ерлајнс и други, откажаа вкупно 100 летови поради снегот, соопшти јапонското Министерство за транспорт. Делови од 31 автопат се затворени во централна и источна Јапонија, додека 54 излези од експресниот пат во Токио се блокирани, соопшти Министерството.
Железничкиот сообраќај на повеќе од десет правци во централна и источна Јапонија е суспендиран или се планира да биде суспендиран, се додава во соопштението.
„Источна јапонска железница“, најголемиот железнички оператор во земјата, соопшти дека брзата линија меѓу Токио и североисточната префектура Јамагата ќе биде суспендирана подоцна во петок.
Големите компании за испорака, вклучувајќи ги Yamato Transport и Sagawa Express, велат дека може да има одложувања во испораката на производи до сабота.