Поранешниот премиер на Хрватска, Иво Санадер, стана шеф на затворската библиотека во затворот Липовица.
Санадер е задолжен за таканареченото „културно издигнување на затворениците“, што и не е така лоша опција кога некој долго време е зад решетки.
Санадер е префрлен од Реметинац во Липовица поради примерно однесување и нарушено здравје, според неговата одбрана.
Санадер е во КПУ Липовица неколку месеци. Тоа е полуотворен затворски систем, а сега е во многу подобри затворски услови од претходно“, објасни неговиот адвокат Чедо Продановиќ, пренесува Klix.ba.
Според здружената пресуда за аферите Фими медиа, Планинска и ИНА-МОЛ, Санадер мора да помине вкупно 18 години зад решетки.
Против него се водеа пет постапки, од кои во две е правно ослободен.
Поранешниот премиер на Хрватска досега помина околу седум и пол години зад решетки, во притвор или под пресуди.
Предвремено ослободување во хрватскиот затворски систем може да се бара веќе по отслужување на половина од казната, а обично се доделува по две третини од казната.
Санадер, по неколку притвори и ослободувања, континуирано е во затвор од април 2019 година, кога Врховниот суд му ја зголеми казната за корупција во случајот Планинска на шест години затвор.
Во тој случај, поранешниот сопственик на месната индустрија и претставник на ХДЗ, Стјепан Фиолиќ, призна дека на поранешниот хрватски премиер му донел десет милиони куни и еден милион евра провизија откако купил деловна зграда од државата под цената.
