Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен во недела, 27 септември, поради одржување на улична атлетска трка во општина Илинден.
Трката, во организација на Здружението Атлетски клуб „Скопски Маратон“ Скопје, ќе започне во 08:00 часот, а учесниците ќе се движат по повеќе улици во населбата Илинден и околните места.
Трасата започнува од улицата „9“, пред Домот на културата во општина Илинден, по што трката продолжува по улицата „534“ во населбата Илинден, улицата „532“ во село Марино и улицата „10“ во село Кадино. Кај кружниот тек во Кадино учесниците ќе се свртат назад и ќе се движат по истата траса до улицата „2“, каде кај Домот за стари лица повторно ќе има полукружно свртување. Целта е предвидена пред Домот на културата на улицата „9“ во населбата Илинден.
Поради одржувањето на настанот, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим, а сообраќајот привремено ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Од МВР апелираат до возачите и останатите учесници во сообраќајот да ги почитуваат насоките и наредбите на полициските службеници кои ќе бидат распоредени долж трасата.