Околу 70.000 домаќинства во Скопје ќе плаќаат повисоки сметки за парно греење. Просечното зголемување ќе изнесува 188 денари, со што просечната месечна сметка ќе достигне околу 2.681 денар.
Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), новите цени ќе се применуваат од декемвриската потрошувачка. За корисниците на ЕСМ парното ќе поскапи за 7,56 отсто, додека за потрошувачите приклучени на мрежата на „Енерџи Еко Линк“, поранешна „Скопје Север“, зголемувањето ќе изнесува 5,84 отсто.
Како главни причини за поскапувањето се наведуваат растот на цените на природниот гас на светските пазари и геополитичките случувања.
Одлуката следува по вонредните барања на компаниите за снабдување со топлинска енергија за ревидирање на цените и промена на регулираниот максимален приход. Досегашните цени беа утврдени во јули и се применуваа од 1 август.
Новото поскапување предизвикува загриженост кај дел од граѓаните, кои предупредуваат дека повисоките сметки дополнително ќе го оптоварат семејниот буџет.
Особено погодени се пензионерите и домаќинствата со пониски примања, за кои и зголемувањето од неполни 200 денари месечно претставува дополнителен финансиски товар во услови на раст на животните трошоци.