На последната 17-та седница на Советот на Општина Битола, едногласно беа изгласани две точки: Одлука за примање на донација во вид на добра од Здружение за заштита на животни и животна средина „Бибевски – Битола“, и Одлука за реализација на времено решение до комплетна реализација на проектот за бездомни животни за поставување на боксови на надворешниот простор (платото) кој е предвиден со постоечка документација.
Локацијата на прифатилиштето е во склоп на земјоделското училиште во Битола, каде се извршени и сите теренски подготовки.
“За оние кои не ја знаат приказната за Хачико, тоа е куче од расата Акита, кое секој ден во текот на цели 10 години го чекало
својот сопственик на железничката станица во Токио кој за жал починал, а на ова место тие двајца последно се разделиле . Токму оваа верност, истрајност е потсетник за сите нас дека Битола цели 30 години чека прифатилиште за бездомни животни. 30 години, апсолутно ни една локална самоуправа не покренала никаква иницијатива за решавање на овој проблем!
И после сите политички игри, ширење на хистерија, обвинувања и лаги, денес со гордост можам да кажам дека нашата верност кон вас, преточена од приказната на ХАЧИКО, станува реалност…
За 10 месеци имаме …
✅ЛОКАЦИЈА
✅ПРОЕКТ
✅ДОЗВОЛА ЗА ГРАДБА
✅ЗАВРШЕНА ЦЕЛОСНА ПРИПРЕМА ЗА ПОСТАВУВАЊЕ ПРИКЛУЧОЦИ ЗА ВОДОВОД И КАНАЛИЗАЦИЈА
✅НАРАЧАНИ БОКСОВИ
✅СРЕДСТВА ОБЕЗБЕДЕНИ СО РЕБАЛАНС
И најважното за кое денес сме посебно горди , донација во вредност од 600 000 денари од The Bibevski Foundation за изработка на ограда. Фондацијата со која Поинаку има потпишан меморандум за соработка пред избори, а по донесувањето на денешната одлука и меморандум со Општина Битола.
Со ова за краток период ќе завршат градежните работи за надворешниот дел од прифатилиштето и во рок од 30 дена очекуваме дозвола од Агенција за храна и ветеринарство.
Дозвола која никогаш ја немала Битола.
Наредна година со следниот буџет за 2023 година обезбедени 40 милиони за изградба на целиот објект.
Верни кон нашите сограѓани битолчани, Битола можи ПОИНАКУ!” – објави Претседателката на Советот на Општина Битола Габриела Илиевска.
Згрижувањето и обезбедување на хуман третман на бездомните животни во првата година од мандатот беше еден од приоритетните проекти на граѓанската иницијатива „Поинаку“, недостаток на градот и проблем за голем број на битолчани.