Во Струмица официјално започна изградбата на новиот маркет на германскиот трговски гигант „Лидл“, откако беше поставен камен-темелникот на објектот. Проектот е дел од пошироката инвестиција на компанијата во Македонија, која според проценките изнесува околу 200 милиони евра.
На настанот присуствуваше вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој оцени дека станува збор за значаен инвестициски потфат што ќе влијае врз економскиот развој на регионот и државата.
Според Николоски, доаѓањето на еден од најголемите европски малопродажни синџири претставува важен чекор за позиционирање на Македонија како атрактивна дестинација за нови инвестиции.
„Ова е трансформациски проект кој ќе го промени изгледот на просторот и ќе придонесе за подобрување на деловната клима“, истакна тој.
Тој посочи дека инвестицијата ќе донесе нови работни места и економски придобивки, а посебно значење ќе има за Струмичкиот Регион, кој е еден од најголемите земјоделски центри во земјата.
Николоски нагласи дека локалните производители ќе добијат нови можности за пласман на своите производи, како на домашниот пазар, така и преку меѓународната мрежа на „Лидл“.
„Струмичкиот Регион е земјоделско срце на Македонија и производите со висок квалитет заслужуваат поширок пласман“, рече Николоски.
Од Владата најавуваат дека ќе продолжат со мерки за олеснување на реализацијата на инвестициски проекти, преку подобрување на процедурите и урбанистичките процеси.
Според досегашните најави, првите маркети на „Лидл“ во Македонија се очекува да бидат отворени кон крајот на годината, со што земјата ќе стане дел од мрежата на еден од најголемите трговски брендови во Европа.