Во свечената сала на Владата денеска беше потпишан договор меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за обезбедување грант-средства за изградба на автопатот Скопје–Блаце.
Изградбата на вториот дел од автопатот Скопје–Блаце се очекува да започне во август годинава и да трае околу четири години, информираше директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски.
Проектот е финансиски поддржан со грант од 30,8 милиони евра и заем од 167,6 милиони евра, обезбедени преку ЕБОР. Новата делница ќе биде долга 10,5 километри, а заедно со претходно изградените 1,5 километри, вкупната должина на автопатот од клучката Стенковец до државната граница ќе изнесува 12 километри.
Трајановски појасни дека трасата поминува низ ридско-планински терен на масивот Скопска Црна Гора, што значително ја отежнува изградбата. Поради тоа, проектот предвидува изградба на пет двоцевни тунели со вкупна должина од околу пет километри, девет мостови со должина од 2,5 километри, 11 надвозници, четири галерии за стабилизација на косини, како и девет потпорни ѕидови.
„Теренот е исклучително тежок за градба и бара сложени инженерски решенија. Очекуваме работите да започнат во август, а рокот за изведба е околу четири години. Веќе се избрани консултантот и изведувачот, додека постапката за избор на надзор е во фаза на евалуација и наскоро треба да биде завршена“, изјави Трајановски.
Со реализацијата на овој проект се очекува значително подобрување на патната поврзаност со Косово и унапредување на регионалната инфраструктурна мрежа.