Потрес во битолскиот СДСМ: Методија Куновски си поднесе оставка – „Партијата ја изгуби храброста да се погледне во очи“

Методија Куновски повеќе не е прв човек на Општинската организација на СДСМ во Битола. Тој денеска ја депонираше својата неотповиклива оставка до претседателот на партијата, Венко Филипче, наведувајќи дека принципите за кои се залагале, во пракса сè потешко се остваруваат.

Куновски, кој досега ја извршуваше функцијата претседател на битолскиот огранок, во своето обраќање до јавноста и сопартијците истакна дека одлуката е резултат на „темелна и одговорна лична и политичка проценка“, подолг период на дилеми и несогласувања со процесите во партијата.

„Функција без влијание не сакам“

Во образложението за повлекувањето, Куновски упати директна критика кон начинот на функционирање на организацијата, посочувајќи дека не сака да биде само фигура без реална моќ за промени.

„Не можам и не сакам да носам функција без суштинска можност за влијание, ниту да бидам формално присутен во процеси со кои суштински не се согласувам. Сметам дека политичката и моралната одговорност налага јасен став и чесен чекор“, пишува Куновски.

Тој додава дека функцијата ја прифатил со намера да ја отвори партијата кон членството, но наместо тоа, се соочил со практики кои се косат со вредностите на социјалдемократијата.

Останува член, но предупредува за иднината

Иако се повлекува од раководната позиција, Куновски најави дека не се откажува од социјалдемократската идеја и останува член на СДСМ. Сепак, неговото заминување го заокружи со силна порака до раководството:

„Историјата нè учи дека партиите не ги губат изборите тогаш кога губат власт, туку тогаш кога ќе ја изгубат храброста да се погледнат себеси во очи.“

Оваа оставка доаѓа во чувствителен период за партијата во Битола и отвора прашања за внатрешната консолидација на локалниот огранок.