Свет

Повеќе од 5.000 летови беа откажани во САД поради силните зимски бури

Повеќе од 5.000 летови беа откажани во САД поради силните зимски бури

Повеќе од 5.000 летови беа откажани во петокот во САД поради силните зимски бури, објави Ројтерс. Десетици возови исто така се откажани до Божиќ, што ги нарушува празничните планови на илјадници луѓе.

Многу автопати во Средниот Запад се соочија со продолжени одложувања поради снежно време или несреќи, а државната полиција на Индијана ги повика луѓето да избегнуваат патувања во северозападниот дел на државата.

Федералната управа за авијација ја суспендираше или ја одложи работата на голем број аеродроми во САД со цел да се отстрани мразот.

Секретарот за транспорт Пит Бутиџиг изјави за Си-Ен-Ен дека авијацијата на САД е под огромен притисок бидејќи две одделни бури и силни ветрови ги погодуваат аеродромите низ земјата. Околу 10 отсто од летовите во САД беа откажани во четвртокот, рече тој. Во петокот беа одложени уште 8.000 летови.

Чикаго се соочува со опасно ниски температури, информира и агенцијата Ројтерс. Националната метеоролошка служба предупреди дека температурите може да се спуштат до минус 34 степени Целзиусови.

Силните ветрови, замрзнатиот дожд и обилните снежни врнежи ги затворија училиштата, ја прекинаа струјата и предизвикаа откажување на летовите во петокот и во Канада, соопшти агенцијата. Властите ги предупредија луѓето да останат во затворени простории поради влошување на временските услови.

Тешкото време во Канада е поврзано со истиот атмосферски фронт што ги зафати САД. Метеорологот од Торонто, Стив Флисфедер, рече дека невремето се очекува да погоди две третини од населението на Канада додека минува низ двете најнаселени провинции, Онтарио и Квебек.

Секоја зима очекуваме невреме, но оваа е значајна“, вели метеорологот.

Според американската програма за истражување на глобалните промени, зачестеноста и интензитетот на зимските бури се зголемиле во текот на изминатите 70 години.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни