Повеќе од половина судови во земјава во 2025 година не успеале да го совладаат приливот на предмети, покажуваат податоците од Годишниот извештај за работата на судовите, кој едногласно беше усвоен на седница на Судскиот совет.
Според извештајот, 16 судови биле оценети како ажурни – 14 основни и два апелациски (во Штип и Гостивар), додека 18 судови, меѓу кои Врховниот, Управниот и Вишиот управен суд, како и апелациските судови во Скопје и Битола, се оценети како неажурни.
Ова значи дека значителен дел од судовите примиле повеќе предмети отколку што решиле, што довело до зголемување на заостатокот.
На ниво на држава, судовите во 2025 година започнале со 134.729 нерешени предмети, а во текот на годината примиле нови 540.122. Вкупно во работа имале 674.851 предмет, од кои решиле 540.241, додека на крајот на годината останале 134.610 нерешени предмети.
Членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска, посочи дека и покрај ваквите резултати, генералната оценка е дека судовите на ниво на држава го совладале приливот, со минимално намалување на заостатокот од 119 предмети.
Сепак, таа нагласи дека судовите работат во отежнати услови, со недостиг на судии и административен кадар, а во дел од институциите судската полиција извршува и административни задачи поради недостаток на персонал.
Податоците покажуваат дека Врховниот суд во 2025 година го зголемил заостатокот и е оценет како неажурен, за разлика од претходната година. Слична е состојбата и со Управниот и Вишиот управен суд, кои исто така не успеале да го намалат бројот на предмети.
Апелацискиот суд во Скопје, исто така, бележи зголемување на заостатокот, додека како позитивни примери се издвојуваат апелациските судови во Штип и Гостивар, кои успеале да го намалат бројот на нерешени предмети.
Во рамки на скопското апелациско подрачје, како ажурни се оценети повеќе основни судови, меѓу кои Велес, Куманово и Основниот кривичен суд Скопје, кој значително го намалил заостатокот. Наспроти тоа, Основниот граѓански суд Скопје е меѓу неажурните, со зголемен број нерешени предмети.
Слична нерамномерност има и во другите апелациски подрачја, каде дел од судовите покажуваат подобри резултати, додека други бележат зголемување на заостатокот.
Членката на Судскиот совет Џенета Бектовиќ посочи дека за подобрување на ефикасноста е неопходно секој судија да има соодветен тим, изразувајќи очекување дека кадровските недостатоци во судската администрација ќе бидат надминати.
Извештајот повторно ја отвора дебатата за капацитетите на судството и потребата од системски решенија за зголемување на ефикасноста.