Повеќе пари за јавната администрација во 2019 година, дали тоа ќе значи дека ќе биде поефикасна?

Наредната фискална година ќе донесе и зголемување на платите. Лекарите, просветните работници и администрацијата се дел од секторите кои со новиот буџет ќе земаат повисоки примања за 5 до 10%. Но дали тоа значи дека ќе добиеме и поефикасна услуга, прашуваат бизнис коморите.

„Дали постои механизам со кој ќе се осигурате дека вакво зголемување на платите ќе донесе и зголемување на продуктивноста? Дали со ова ќе имаме повраток на инвестицијата? Дали јавната служба на граѓаните ќе им дава подобри услуги? Дали ќе се зголеми квалитетот на образованието, здравството и јавната услуга?“, изјави Дијана Десподов, американска стопанска комора во Македонија.

„Администрацијата ќе биде носечка во процесот на преговори со ЕУ. Ќе има голем товар. Веќе министерството за информатичко општество работи на реформи, наскоро се очекува да имаме резултати во поглед на реорганизација на истото“, изјави Драган Тевдовски, министер за финансии.

Сепак, дел од синдикатите се пожалија дека не биле консултирани кога се донесувал предлог буџетот за 2019 година, но и дека дел од областите биле занемарени како на пример културата. Сепак, од министерството за финансии велат дека приоритет се секторите кои што работат со деца. Но од СОНК реагираат дека иако овие сектори можеби се приоритети кога станува збор за поделба на државниот колач, сепак просветните работници, иако ќе добијат 5% зголемување на примањата според новиот предлог – буџет, не се платени соодветно за работата што ја извршуваат. Предупредуваат дека наскоро и тие ќе се иселат од Македонија поради третманот што го имаат во државата.

„Ако е факт дека просечната плата е 24 илјади, просветните работници се со плата од 21 до 22 илјади. Тоа е далеку под просекот на национално ниво. Луѓе високо образовани, со висок степен на стручност и со голема одговорност за она што го работат. Во најмала рака треба да имаат висина над просечната плата“, изјави Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Со 53 гласа ЗА и 13 против, ребалансот на буџетот вчера го помина собранискиот филтер. Предлог – буџетот за 2019 година, пак, Владата треба да го достави до Собранието до 15ти ноември. Истиот треба да биде донесен најдоцна до крајот на годината.

Репортер: Данче Азманова

Извор: ТВ21