Еден припадник на Противпожарната бригада на Град Скопје е повреден и итно е пренесен на скопските клиники, по интервенцијата во пожарот што попладнево избувна во објект на Јужен булевар, во близина на месноста „Рампа“.
Благодарение на брзата и храбра реакција на противпожарните екипи, огнената стихија е ставена под контрола и локализирана во рекордно време, со што е спречено катастрофално ширење на пламенот кон околните објекти.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски потврди дека во инцидентот нема жртви меѓу граѓаните, но изрази длабока почит и благодарност до повредениот спасувач.
„За жал, еден пожарникар е повреден при интервенцијата и веднаш е пренесен на клиника. Му посакувам брзо закрепнување и изразувам огромна благодарност за неговата пожртвуваност. Скопје денес виде што значи пожртвуваност на дело“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека овој настан е уште еден доказ за секојдневниот ризик со кој се соочуваат пожарникарите, најавувајќи дека модернизацијата на Бригадата, набавката на нова опрема и обезбедувањето подобри и побезбедни услови за работа остануваат клучна обврска на градските власти.