Соединетите Американски Држави се единствената развиена земја во која постојано се случуваат престрелки во училиштата, како вчерашниот напад на основно училиште во Тексас. Еве извештај на АФП за најсмртоносните напади во последно време.
Јувалди, Тексас, вчера
18-годишен маж уби 19 ученици и двајца учители во основното училиште Роб во Јувалди, околу 130 километри западно од Сан Антонио, Тексас, покажуваат официјалните податоци на американското Министерство за домашна безбедност. И осомничениот е мртов.
Оксфорд, Мичиген, 30 ноември 2021 година
15-годишно момче ладнокрвно уби четворица ученици, а рани уште шестмина и еден наставник во средношколски комплекс во Оксфорд северно од Детроит. Насилникот беше обвинет за „терористички чин“ и „убиство“, а нешто ретко во САД обвинети се и неговите родители.
Санта Кларита, Калифорнија, 14 ноември 2019 година
16-годишно момче го прослави роденденот пукајќи во своите соученици од средно училиште, убивајќи двајца и рани уште тројца пред да се обиде да се самоубие. Жртвите се на возраст од 14-15 години.
Санта Фе, Тексас, 18 мај 2018 година
17-годишен ученик пукал во 20 луѓе во гимназијата каде што учи. Загинаа двајца возрасни и осум млади лица. Стрелецот е во затвор.
Паркленд, Флорида, 14 февруари 2018 година
На денот на св. Валентин, 19-годишниот Николас Круз, пукал со полуавтоматска пушка во средното училиште Марџори Стоунман Даглас, од кое бил избркан поради недолично однесување. Загинаа 17 лица, повеќето малолетни. Напаѓачот е уапсен.
Бентон, Кентаки, 23 јануари 2018 година
15-годишен ученик застрелал двајца ученици на иста возраст во средното училиште во округот Маршал. 18 беа ранети со куршуми или во хаосот што следеше.
Роузберг, Орегон, 1 октомври 2015 година
26-годишен студент застрела девет лица на Универзитетот Умпка. Откако бил ранет, се самоубил со куршум во главата.
Оукленд, Калифорнија, 2 април 2012 година
Маж методично застрела седум луѓе на малиот универзитет во Калифорнија, Оикос. Напаѓачот, поранешен студент со корејско потекло, бил уапсен и починал во затвор седум години подоцна.
Њутн, Конектикат, 14 декември 2012 година
Откако ја убил мајка си, 20-годишниот неурамнотежен Адам Ленс им ги одзел животите на 26 луѓе, меѓу кои 20 деца на возраст меѓу 6 и 7 години, во основното училиште Сенди Хук. Потоа изврши самоубиство. Соединетите Американски Држави продолжуваат да се сеќаваат на овој масакр поради големиот број убиени деца.
Технолошки универзитет во Вирџинија, Вирџинија, 16 април 2007 година
Неурамнотежен студент од Јужна Кореја уби 32 лица пред да се самоубие. Во нападот на реномираниот универзитет биле употребени два полуавтоматски пиштоли.
Колумбајн, Колорадо, 20 април 1999 година
Двајца тешко вооружени ученици во средното училиште Колумбајн, на возраст од 17 и 18 години, за неколку минути убиле 12 свои соученици и еден наставник, а потоа извршиле самоубиство во библиотеката. Бројот на загинати ќе беше уште поголем доколку ги активираа своите рачно изработени бомби.
Остин, Тексас, 1 август 1966 година
Поранешен маринец се искачи на врвот на главната зграда на Универзитетот во Тексас во Остин и 90 минути пукаше во сите правци кон секој што ќе го видеше долу. Четиринаесет лица беа убиени, а 32 беа повредени пред да биде убиен напаѓачот.
