Македонија

Повторно работи еден од томографите на Радиологија, закажани се нови термини за пациентите

Повторно работи еден од томографите на Радиологија, закажани се нови термини за пациентите

По привремениот прекин на дел од дијагностичките услуги, пациентите повторно ќе можат да закажуваат прегледи на еден од компјутерските томографи на Универзитетскиот институт за радиологија во Скопје, кој од денеска е ставен во функција, информираат од Министерството за здравство.

Од Министерството соопштуваат дека Институтот веќе започнал со организирано повикување и закажување нови термини за пациентите чии прегледи беа привремено презакажани поради настанатата состојба.

За да се реализираат прегледите во најкраток можен рок, работата е организирана во две смени, а дополнителни термини ќе има и во текот на претстојниот викенд. Прегледите ќе се спроведуваат согласно расположливите капацитети и утврдените медицински приоритети.

Во меѓувреме, сервисирањето на вториот компјутерски томограф, кој се наоѓа во хируршкиот комплекс и првенствено е наменет за дијагностика на итни пациенти, сè уште трае. Од Министерството очекуваат сервисната постапка да заврши во најскоро време.

Додека апаратот не биде повторно ставен во функција, итните пациенти се згрижуваат во ГОБ „8 Септември“ и Хируршката клиника „Свети Наум Охридски“ во Скопје, согласно воспоставената меѓуинституционална координација за обезбедување континуитет во дијагностичките услуги.

Од Министерството за здравство апелираат да не се шират непроверени информации за состојбата, со цел да не се нарушува довербата во здравствениот систем.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со д-р Александра Грозданова, претседателка на комисијата за имунизација

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни