Повторно само Виз ер учествувала на повторениот јавен повик за државни субвенции

На повторениот јавен повик за државни субвенции повторно се пријавила само една компанија, неофицијално дознаваме дека тоа е компанијата која се пријавила и на првиот повик Виз ер.

Основните критериуми за добивање државна помош се авиопревозникот во текот на минатата година да има превезено најмалку 10 милиони патници и да остварил профит од 25 милиони евра.

Ова беше втор јавен повик, откако првиот беше поништен поради некомплетна документација на ВИЗ ер, кој беше единствен апликант. Од Министерството за транспорт информираат дека до 26 октомври Комисијата ќе донесе одлука по барањето за тригодишно субвенционирање.

Субвенционираната компанија има обврска до 10 јануари да воспостави база од најмалку еден авион на еден од македонските аеродроми и да воспостави по две нови дестинации како од скопскиот, така и од охридскиот аеродром. Дополнително, за период од една година, авиопревозникот е обврзан да воспостави уште две нови дестинации од охридскиот аеродром.

Сите шест нови линии не треба да биле опслужувани со редовен воздушен превоз во последните две сезони, а ќе се одвиваат најмалку два пати неделно.