Случајот со масовното убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“ продолжува со ново рочиште, на кое малолетникот осомничен за нападот повторно се појави како клучен сведок против своите родители, Владимир и Миљана Кецмановиќ.
Тој денеска беше донесен од психијатриска установа пред Специјалниот суд, каде што по вторпат се очекува да даде исказ во постапката. Иако како најблизок роднина има право да одбие сведочење, тоа право не го искористи ниту на претходното судење.
Обвинителството го товари неговиот татко за тешко кривично дело против јавната безбедност, со образложение дека го носел синот на стрелиште, го обучувал да ракува со оружје и не го чувал соодветно. За ова дело му се заканува казна затвор до 12 години.
На мајката ѝ се суди за занемарување и злоупотреба на малолетно лице, додека во меѓувреме беше ослободена од обвинението за нелегално поседување муниција и за тој дел нема повторно да ѝ се суди.
Со проширувањето на обвинението, малолетникот од сведок доби и статус на оштетен во постапката.
Апелациониот суд во Белград претходно ги укина првостепените пресуди со кои таткото беше осуден на 14 и пол години затвор, а мајката на три години, по што случајот беше вратен на повторно судење.
Во истиот предмет, инструкторот на стрелиштето каде што малолетникот вежбал, Немања Маринковиќ, беше правосилно осуден на една година домашен притвор за давање лажен исказ, откако претходната казна затвор беше укината.
Судењето се одвива зад затворени врати, по одлука донесена на предлог на Вишото јавно обвинителство во Белград, со цел да се заштитат интересите на малолетниците и приватноста на оштетените.
И покрај тоа, одбраната на обвинетите, како и самите Владимир и Миљана Кецмановиќ, побараа процесот да биде отворен за јавноста, оценувајќи дека тоа би било „фер и праведно“. Дел од семејствата на жртвите исто така ја поддржаа оваа иницијатива, но судот сепак одлучи јавноста да биде исклучена поради чувствителноста на случајот.
