Пожар во фабрика за автоделови во Јужна Кореја: Најмалку 55 повредени

Во пожарот што денес зафати фабрика за авто-делови во градот Теџон во Јужна Кореја, повредени се најмалку 55 лица, а официјалните лица стравуваат дека тој број можеби не е конечен.

Националната противпожарна служба соопшти дека 24 лица се тешко повредени во пожарот, кој најверојатно бил предизвикан од експлозија.

Официјалните лица не можеле веднаш да потврдат дали некој од повредените е во животна опасност. Противпожарната служба исто така соопшти дека се трага по уште најмалку 14 лица за кои се верува дека биле во фабриката кога избил пожарот.

Пожарот ја уништи зградата на фабриката, во која пожарникарите не можеле да влезат поради загриженост дека таа може да се урне.

Во моментов се работи на спречување на ширење на пожарот, а противпожарната служба соопшти дека во фабриката имало околу 200 килограми „високо реактивни хемикалии“.

Некои лица се повредени кога скокнале од зградата на фабриката обидувајќи се да избегаат, а на лице место во моментов има повеќе од 500 пожарникари и полицајци.