Македонија

Пожарот кај Грачани и натаму активен, нови жаришта кај Струга и Жеден

Пожарот кај Грачани и натаму активен, нови жаришта кај Струга и Жеден

И покрај врнежите што ја зафатија земјата, опасноста од пожари на отворен простор и натаму останува висока. Во текот на вчерашниот ден биле регистрирани најмалку 31 пожар, од кои два зафатиле поголеми површини и бараат ангажман на повеќе екипи.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека еден од најсериозните пожари е активен на подрачјето на Општина Ѓорче Петров, во атарот меѓу селата Грачани и Никиштане.

Пожарот пред неколку дена се проширил од косовска на македонска територија, а во неговото гаснење во изминатиот период се вклучени и копнени и воздушни сили.

Поради ветерот, синоќа чадот се движел во правец на Скопје, поради што бил почувствуван во повеќе делови од градот и предизвикал вознемиреност кај граѓаните. Утрово интервенцијата продолжила со скопските пожарникари и огнени тимови на ДЗС, кои работат долж линијата на пожарот.

Во гаснењето од воздух се ангажирани армиски и полициски хеликоптер, како и два „ер трактори“ на ДЗС. Според Ангелов, во моментов нема директна опасност за селата Грачани и Никиштане, а очекувањата се пожарот до вечерва да биде ставен под делумна контрола.

Вториот поголем пожар е активен на територијата на Општина Струга, во близина на границата со Општина Дебар. На терен се струшките пожарникари, но интервенцијата е отежната поради големата огнена линија, непристапниот терен и мешовитата шума со ниска вегетација и грмушки.

Во текот на попладневните часови е планирано и воздушно дејствување со „ер тракторите“ на ДЗС.

Особена загриженост предизвикуваат и случаите на намерно предизвикување пожари. Ангелов информира дека вчера повторно биле регистрирани два пожари на планината Китка – еден на територијата на Општина Студеничани и еден во Општина Зелениково. Пожарникарите успеале да ги локализираат, но ваквите интервенции дополнително ги распрснуваат расположливите сили.

Повторно е активен и пожарот во близина на селото Копаница, во подножјето на Жеден. По гаснењето на големиот пожар во изминатите денови, повторно се појавиле жаришта и од скопската и од тетовската страна.

Од ДЗС повторно апелираат до граѓаните на максимална внимателност и одговорно однесување. Секое сомнително однесување или можен обид за намерно предизвикување пожар треба веднаш да се пријави на бројот 112, во најблиската полициска станица или кај полициски службеник и пожарникар.

Опасноста од пожари сè уште не е надмината, а надлежните предупредуваат дека и најмала невнимателност може да доведе до брзо ширење на огнот и сериозни последици.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни