Македонија

Пред годишнината од пожарот во „Пулс“ – Владата бара начин да ја укине партиципацијата за повредените

Пред годишнината од пожарот во „Пулс“ – Владата бара начин да ја укине партиципацијата за повредените
ФОТО: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Во пресрет на една година од трагичниот пожар во клубот „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, Министерството за здравство работи на решение со кое повредените би биле ослободени од плаќање партиципација за здравствените услуги.

Министерот за здравство Азир Алиу информираше дека е формирана работна група која разгледува можности како ова прашање да се реши преку некоја од постојните програми, со цел пациентите и нивните семејства да не мора дополнително да плаќаат за лекување.

„Дефинитивно работиме на креирање програма. Партиципацијата е законска обврска и институциите мора да наплатуваат за секој пациент, но разговараме со работната група да најдеме начин тоа да се вклучи во некоја од постојните програми. Тоа е едно од ветувањата – лично мое и на Владата – за да се реши овој проблем. Таа партиципација, колку и да е мала, треба да се отстрани за граѓаните кои имаат потреба од третман да не плаќаат“, изјави Алиу при денешната посета на болницата во Кочани.

Посетата беше поврзана и со почетокот на активности за уредување на дворот на кочанската болница. Во рамки на акцијата се расчистуваат делови од болничкиот круг каде со години се трупале отпад и вегетација.

Директорката на болницата Катерина Паниќ–Мирчовска и градоначалникот на Кочани Владко Грозданов најавија дека со уредувањето ќе се обезбедат повеќе паркинг места и полесен пристап за возилата на Итната медицинска помош, пациентите и вработените.

Според најавите од општината, предвидено е и демонтирање на модуларната болница, со што ќе се ослободи дополнителен простор во кругот на здравствената установа.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Ивана Петковска, Коалицијата „Сите за правично судење“ 17.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни