Предвремени парламентарни избори во месец мај следната година, дознава ТВ21 од добро упатени извори во двете најголеми политички партии. Деновиве ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ практично се ребрендираа и започнаа нови концепти. СДСМ тргна со слоган „На прав пат“, додека опозицијата со „Обнова на Македонија“. Иако нивното однесување на теренот наликува на предизборие, сепак партиите негираат дека се работи за предизборна кампања.
„Не дека е почната кампањата, туку многу по суштинска и по длабинска е „Обнова на Македонија“. Разговорите со граѓаните не е само кампања пред избори туку навистина црпење на проблемите и нудење на решенија за се ова што се случува и што тапкаме во место изминатиот период“, вели Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Не, ова е мобилизација на партиските структури . Ова е потреба да се објасни на партијата или преку тие собири на поширокото граѓанско членство. Што прави оваа влада, кои се бенефитите од оваа политика, каде треба да се корегира или каде грешиме. Така да не би го нарекол ова подготовка за предвремени избори“, вели Андреј Жерновски од СДСМ.
За опозициската партија прифатлив датум за избори е март.
„Март е добар датум, добар период за предвремени парламентарни избори. Веднаш по добивање или недобивање на датумот за отпочнување преговори подготвени сме да составиме техничка влада, да дојде технички премиер, технички министри и веднаш потоа да се оти на избори“, додава Арсовски.
Од СДСМ велат дека сакаат редовни избори, но велат дека се подготвени и за вонредни.
„Ние кажавме дека сакаме да има редовни избори затоа што треба да се завршат овие процеси. Но доколку се создадат услови ние сме подготвени за такви вонредни избори“, додава Жерновски.
Иако јавно терминот за избори се крие, партиите веќе остваруваат средби и ги запишуваат нивните идеа за подоцна да ги изработат и нивните официјални програми со кои ќе бараат глас повеќе. Според договор од Пржино три месеци пред изборите треба да има тхеничка влада. Aктуелната Влада ќе треба да поднесе оставка 100 дена пред следните избори по што ќе биде назначена новата влада. Нови министри ќе добијат и пет министри. Мицкоски пред два дена јавно побара предвремени избори во месец март и техничка влада, но засега власта не прифаќа такво нешто.