Американската авиокомпанија Alaska Airlines соопшти дека повторно ги обновила своите летови откако во неделата вечерта беше воведен привремен „ground stop“ за сите летови на компанијата и нејзината подружница Horizon Air, поради ИТ-прекин што ја погодил целокупната нејзина работа.
Прекинот настанал околу 5 часот изутрина по македонско време, кога, како што наведуваат од Alaska Airlines, системски дефект предизвикал целосна забрана за полетување на авионите од двете компании.
Федералната авијациска администрација (FAA) потврди дека барањето за запирање на сите летови било поднесено во 04:52 часот (10:52 p.m. ET). Неколку часа подоцна, околу 08:00 часот изутрина по македонско време, забраната била укината, а летовите постепено почнале да се нормализираат.
„Работиме на репозиционирање на авиони и екипажи, но очекуваме доцнења и дополнителни пореметувања додека ги враќаме операциите во нормала. Искрено им се извинуваме на нашите патници за непријатностите,“ соопшти компанијата.
Иако Alaska Airlines не соопшти детали за причината за ИТ-прекинот, тие предупредија патниците да ја проверат состојбата на нивниот лет пред да тргнат кон аеродром.
Подружницата Horizon Air, која најчесто оперира во регионот на Пацифичкиот Северозапад и Алјаска, исто така беше погодена од овој прекин.
„Ground stop“ е мерка на контрола на воздушниот сообраќај со која одредени авиони се спречуваат да полетаат, што предизвикува застои и потенцијални одложувања низ целиот систем.