Македонија

„Премиерот Ковачевски го избегнал служењето војска изјаснувајќи се како трајно неспособен“, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ

„Премиерот Ковачевски го избегнал служењето војска изјаснувајќи се како трајно неспособен“, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникoт и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки денес во јавноста излезе со, како што вели, нов скандал за премиерот Димитар Ковачевски.

„Според информациите кои стигнаа до нас, премиерот Ковачевски свесно го избегнал служењето на воениот рок и тоа токму во периодот на воениот конфликт во 2001 година, односно не одговорил на повикот на својата татковина кога за тоа бил побаран и кога и’ бил најпотребен. Како и сите граѓани на Република Македонија кои во тој период служеа во редовите на АРМ, така и сегашниот нелегитимен премиер морал да се јави во војничките редови. Но повторувам, според информациите со кои располагаме, дезертерот Ковачевски СВЕСНО го избегнал служењето на воениот рок во АРМ“, вели Ковачки.

Тој додава дека причината поради која дезертирал е дека е трајно неспособен.

„Ковачевски кој сега е премиер и ги ужива сите благодети на слободата и на демократијата, којашто ја има бидејќи луѓе загинале за таа слобода и демократија, додека тој бегал од војска, не се јавил на отслужување на воен рок и не се пријавил во 2001 година, иако бил повикан. Ковачевски е човек дезертер, кој не заслужува да ја води државата. Го повикуваме дезертерот Ковачевски во рок од 24 часа да каже дали навистина избегал и дали е трајно неспособен, или лажел пред институциите и лекарите? Да излезе и да каже, во спротивно ќе објавиме се што имаме. Доколку е навистина трајно неспособен, тогаш мора веднаш да се повлече од премиерската позиција. Доколку дезертерот Ковачевски бил трајно неспособен да отслужува војска и да ја брани државата, тогаш како е способен да биде премиер?“, порача Ковачки.

Тој прашува дали на чело на владата има трајно неспособна личност и дали тоа е причината поради која Македонија е понижувана.

„Одговорност мора да има како за дезертерот Ковачевски, така и за целата СДС, коишто наместија трајно неспособна личност на чело на Владата. Дали Ковачевски е поставен за премиер, токму затоа што е трајно неспособен?“, вели Ковачки.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни