Премиерот Заев отворено говори за тоа како ја запознал својата прва љубов – убавата Јелена

Шефот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев има биографија за која повеќето политичари – не само од Балканот – можат само да сонуваат, пишува српски Курир.

Неодамна Зоран Заев за Курир.рс, си ја отвори душата и објасни како од продавач на лубеница преминал на најважната позиција во земјата, каков однос има со родителите денес, како го заработил својот прв милион, зошто понекогаш сака да бега од секој на мотор, но големо внимание привлече и тоа како се запознал со неговата прва љубов – убавата Јелена.

„Моето име е поврзано со Србија, мојата младост е поврзана со Србија, се што направивме, целиот семеен капитал е поврзан со Србија. Првата девојка ја имав во Горњи Милановац. Убавата Јелена. Ја запознав едно лето додека продавав лубеници, пиперки, домати и краставици на пазарот во тоа место“, вели премиерот.

Тој посочи дека пазарот бил отворен до четири или пет часот, а потоа веќе од пет-шест часот младите оделе во кафуле.

„Таму ја запознав Јелена, мојата прва љубов. Ние сме врсници. Тоа траеше најмалку две и пол години. Секое лето бев во Горњи Милановац. Таа имаше фиксен телефон, но јас немав. За среќа, тогаш имаше телефонски говорници. Еднаш дојде и во Струмица. И моите и нејзините родители го сфатија тоа како детска љубов, повеќе како да сме некои пријатели. И тогаш далечината си го направи своето. Во 1993 година се запишав на Факултетот во Скопје и се посветив на студентските обврски. Знам дека таа сега живее и работи во Белград, дека има своето семејство, децата. Тоа го слушнав случајно пред пет-шест години. Но, тоа беше прва љубов, не се заборава, додава премиерот.

Во интервјуто тој посочи и дека првиот екстра профит го заработил со продажба на детергент за перење алишта од Србија, додека пак, првите милиони кога продал суви пиперки во Србија.