Препораките на „Една може!“ прифатени од пратеничките на КЕМ

На 25.12.2018 со почеток во 11 часот во Собранието на Р. Македонија, се одржа СЕДНИЦА БР.8 НА КОМИСИЈА ЗА ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ НА ЖЕНИТЕ И МАЖИТЕ, а на иницијатива на Граѓанската Организација „Една може!“ Скопје на тема Поддршка при имплементација на социјални политики, мерки и буџет за еднородителски семејства.

На седницата свое обраќање имаа претседателката на организацијата, Дороти Пачкова, Претседателката на Комисијата за еднакви можности меѓу жените и мажите, Даниела Рангелова, Координаторката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи и претсавничката на МТСП, Софија Спасовска.

Се вчитува...

Активистите и експертите од „Една може!“ побараа буџет за менаџирање социјални услуги преку ресурсен центар посветен на самохрани родители и деца од еднородителски семејства со што би се олеснила институционалната помош и би се одело кон економска еманципација на оваа социјална група наместо институционална зависност.

Пратеничките и пратениците покажаа заинтересираност за сензитивноста и специфичноста на овој проблем како и спремност за имплементирање на препораките од страна на ГО „Една може!“ низ неколку мерки. Во тој поглед, меѓу пратениците остана прашањето за дискрепанцата меѓу донаторски и државни буџети при имплементација на мерки кои се однесуваат на маргинализирани групи.

Претсавниците на МТСП порачаа дека со новиот Закон за социјална заштита и овие семејства ќе бидат опфатени со новите прописи, преку минимална парична помош и  надоместоци.

За време на дискусијата, пратеничките од Комисијата за еднакви можности се осврнаа на еволуцијата на македонското семејство и патријарханиот менталитет и на потребата од родово сензибилизирање на овој проблем, едукација и обука на носителите на јавни функции, како и симнување на имплементациата на локално ниво.

Заклучоците беа прифатени, а пратеничките потпишаа и Јавна заложба со која ветуваат дека при својата работа ќе ги имплементираат препораките на „Една може!“.

Извор: ТВ21