Полициска акција спроведена утрово во гостиварското село Равен резултираше со апсење на едно лице, откако при претрес во неговиот дом беа пронајдени наркотични супстанции и муниција.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека денеска, околу 07:30 часот, полициски службеници од ОВР Гостивар го лишиле од слобода Д.С. (58) од село Равен. Тој се сомничи за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
При претресот во неговиот дом и помошните простории, извршен по судска наредба, биле пронајдени и одземени бела прашкаста материја, марихуана и куршуми за пиштол.
Осомничениот е задржан во полициска станица, а по целосното документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.