Македонија

Претседателот Џафери со Комисијата за прашања на ЕУ, Комисијата за одбрана и групата за пријателство во Државниот Збор на Република Словенија

Делегацијата предводена од претседателот на Собранието,  Талат Џафери, а во состав од претседателката на Пратеничката група за соработка со парламентот на Република Словенија, Нада Ципушева и членовите  Фросина Ташевска Ременски и Шпреса Хадри, оствари средба со Комисијата за прашања на Европската унија, Комисијата за одбрана и Групата за пријателство во Државниот збор на Република Словенија.

Претседателот Џафери изрази задоволство за остварената средба со членовите на Комисијата која има клучна улога во однос на прашањата поврзани со Европската унија во Државниот збор на Република Словенија како и со претставници од Групата за пријателство. Групите за соработка односно за пријателство се уште еден доказ за интересот кој го имаат овие две земји меѓусебно.

Потпретседателот на Комисијата за прашања на ЕУ г. Милан Брглез, и г. Матјаж Немец и посакаа добредојде на делегацијата и ја поздравија ратификацијата на „Преспанскиот договор“ и Спогодбата со Република Бугарија, како значајни чекори за унапредувањето на добрососедските односи, регионалната соработка но и како значајни елементи кои придонесуваат во процесот на проширување на Унијата.

Претседателот Џафери истакна дека со ратификацијата на Преспанскиот договор и со ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од сите национални парламенти на земјите членки во НАТО се очекува најдоцна до почетокот на следната година Република Македонија да стане полноправна членка на НАТО со нејзиното ново име. Во оваа насока, г. Само Бевк, претседател на Комисијата за одбрана истакна дека членството на нашата земја во НАТО е голем придонес за безбедноста не целиот регион.

На крајот на средбата, се потенцираше значењето за зајакнување и интензивирање на соработката на парламентарно ниво во области кои се од заеднички интерес. Во таа насока, претставниците на Групите за соработка на двете земји нагласија дека ќе преземат иницијатива за развивање на комуникацијата преку која може да се реализираат заеднички активности од областa на економија, култура, животна средина.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни