Македонија

Превозниците повторно на протест: Бараат решение за правилото 90 дена во Шенген

Превозниците повторно на протест: Бараат решение за правилото 90 дена во Шенген

Проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната повторно ги активира превозниците од регионот, кои најавуваат протести и бараат решение за условот според кој можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена.

Од „Макам-транс“ информираат дека на состанокот одржан на 21 август е потврдена организацијата на двочасовен протест во Скопје, закажан за 31 август.

Протестот ќе се одржи пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија, од 12 до 14 часот. На него се очекува учество на најмалку 20 возила, како и поголем број превозници, професионални возачи и други вработени од повеќе градови во земјава.

Слични протести во истиот период се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Акцијата ќе се одржи непосредно пред состанокот на работната група во Брисел, закажан за 1 септември, на кој треба да се разгледа проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Од „Макам-транс“ посочуваат дека доколку на состанокот не биде постигнато преодно решение, се разгледува можноста за нов протест на граничните премини, кој би започнал на 14 септември.

За евентуалниот протест ќе биде потребна согласност од превозниците од сите засегнати земји, како и одобрение од надлежните институции.

Според најавите, протестот би можел да биде организиран по примерот на акцијата од јануари годинава и да трае подолго од 10 дена. Асоцијациите на превозниците од четирите држави веќе собираат поддршка за организирање на ваква акција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни