Во Њујорк ќе му се суди и на британскиот принц Ендрју поради наводна сексуална злоупотреба на жена која тврди дека била најмена за секс додека била малолетна.
Ова, како што вели таа, е со посредство на сега починатиот американски финансиер Џефри Епстин.
Во обвинението поднесено до Окружниот суд во Менхетн, се наведува дека Вирџинија Џуфре е тужителка во случајот против обвинетиот, „Принцот Ендрју, војводата од Јорк“.
Таа тврди дека била редовно „злоупотребувана од Епстин и ангажирана за други моќни мажи, поради сексуална експлоатација.
„Еден таков моќен човек беше и обвинетиот, принцот Ендрју“, изјави Џуфре.
Според жалбата, Ендрју сексуално ја злоупотребил во стан, сопственост на девојката Епстин, Гислејн Максвел во Лондон, а овој настан се случил пред повеќе од 20 години, кога наводната жртва имала под 17 години.
Во обвинението се наведува дека „Епстин, Максвел и принцот Ендрју ја принудиле тужителката, која во тоа време била малолетна, да има секс со принцот Ендрју против нејзина волја“.
Инаку, 61-годишниот принц Ендрју категорично ги отфрли обвинувањата дека имал секс со Џуфре и вели дека не се сеќава дека ја сретнал.
Но, овие тврдења го нарушија угледот на британското кралско семејство.
Ендрју, вториот син на кралицата Елизабета Втора се повлече од кралските должности во 2019 година поради неговото претходно пријателство со Епстин.
