Македонија

Пробил граничен премин и повредил цариник – поднесена кривична пријава против косовски државјанин

Пробил граничен премин и повредил цариник – поднесена кривична пријава против косовски државјанин

Косовски државјанин е кривично гонет откако на граничниот премин Блаце се обидел да избега од царинска контрола, пробивајќи ја граничната линија со автомобил во кој, според истрагата, криумчарел наркотична дрога. Од Царинската управа информираат дека против него е поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, како и за спречување службено лице во вршење службено дејствие.

Инцидентот се случил на 15 јули во вечерните часови, кога двајца царински службеници го запреле возилото за детална контрола. Осомничениот бил повикан да го отвори багажникот, а кога еден од службениците забележал сомнителна кеса под совозачкото седиште и се обидел да ја провери, возачот ненадејно влегол во автомобилот и со сила го напуштил граничниот премин.

При обидот за бегство, царински службеник бил повлечен од возилото и се здобил со лесни телесни повреди. Веднаш била известена граничната полиција, која заедно со царинските службеници започнала потера. По околу десет минути, патот на осомничениот бил блокиран и тој бил лишен од слобода.

Случајот го презело Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги на Царинската управа, кое по спроведените истражни дејствија поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје.

За време на бегството, осомничениот ја исфрлил кесата со дрога, која подоцна била пронајдена во близина на местото каде што бил приведен. По наредба на јавен обвинител, дрогата била вештачена, при што било утврдено дека станува збор за околу еден килограм марихуана. При претресот кај него било пронајдено и ладно оружје.

Од Царинската управа посочуваат дека интервенцијата на двајцата царински службеници е пример за професионалност и посветеност во заштитата на државната граница и спречувањето на криумчарење недозволени материи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни