Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, продолжува денеска во судницата во затворот „Идризово“ со нова фаза од доказната постапка.
На денешното рочиште, Јавното обвинителство треба да продолжи со изведување на материјални докази, при што се очекува да бидат презентирани листинзи од телефонската комуникација. По нивното изведување, од доказите предложени од обвинителството ќе останат уште градежното вештачење и сослушувањето на вештите лица.
На претходното рочиште беа презентирани бројни документи и записници, меѓу кои записници од претреси, потврди за привремено одземени предмети од Министерството за внатрешни работи, известувања и дописи од СВР Штип, документација од Државниот пазарен инспекторат, како и налози и записници од извршени инспекциски надзори поврзани со правните субјекти „Класик ДМ“ и „ММММ Кафе“.
Јавната обвинителка Наташа Сарамандова истакна дека станува збор за исклучително сложен кривично-правен предмет со обемен доказен материјал. Таа посочи дека доказната постапка е при самиот крај и дека најголем дел од доказите се однесуваат на околностите што довеле до трагичните последици – смртта на 63 лица и тешките телесни повреди кај повеќе од 200 луѓе, меѓу кои има многу млади лица и деца.
Според Сарамандова, поради законските ограничувања во оваа фаза од постапката, обвинителството не може детално да одговори на забелешките и приговорите на одбраната, но најави дека тоа ќе биде направено во завршните зборови.
По завршувањето на доказната постапка на обвинителството, свои материјални докази, сведоци и две вештачења ќе предложи и одбраната.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на музичката група ДНК и претставува една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија.