„Македонија е грчка“, „Референдум сега“ и „Македонија не е на продажба“ се само дел од транспарентите кои можеа да се забележат на масовниот протест во Атина против Договорот од Преспа. Низ грчката престолнина, до централниот плоштад „Синтагма“ маршираа илјадници луѓе.
Не помина долго, мирниот протест се претвори во насилство и инциденти. Група максирани лица со грчки знамиња се обидоа да го пробијат полицискиот кордон кај споменикот незнајниот јунак во обид да стигнат до грчиот парламент. Со предмети, шишиња и пиротехнички материјали беше нападната полицијата, која одговори со шок бомби и солзавец.
Демонстрантите кои беа дел од протестот велат дека се против Договорот од Преспа и дека најдоброто решение би било распишување на референдум дали да се примени овој договор или не.
– Референдумот би бил најдобро решение. Нека одлучат граѓаните. Овој договор се спроведува без да се прашаат граѓаните или да се информира парламентот. Премиерот и министер за надворешни работи дејствуваа самостојно, без да го прашаат грчкиот народ – рече Димитрос Опас еден од демонстрантите.
-Немаше шанси да не дојдеме. Не е во ред да останеме дома кога се случуваат вакви работи. Имам дете и не сакам да гледам назад. Мислам дека не протестирав во минатото за ова – рече Наташа Афанасиуаду.
Протестот доаѓа откако владата на Алексис Ципрас го преживеа гласањето на недоверба по што во грчкиот парламент на ред доаѓа ратификацијата на Договорот од Преспа. Предлог законот пристигна вчера во грчкиот парламент, а во понеделник се очекува да се најде во собраниските комисии. Таму расправата треба да трае пет дена. Премиерот Ципрас најави дека до крајот на јануари Договорот ќе помине во парламентот, а потоа треба да уследи и ратификација на декларацијата за членство на Македонија во НАТО.