Македонија

Процентот на Албанците останува енигма: Силна дебата на „Фејсбук“ за бројот на населението

 Пописот на населението кој треба да се одржи во 2020 година, како што изгледа нема да стави крај на дебатата во врска со процентот на застапеност на Албанците во Македонија. На  последната дебата по ова прашање, беа вклучени многу јавни личности, меѓу кои и заменик министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу. Тој беше запрашан од универзитетскиот професор Изет Зеќири да одговори на претходно презентираните податоци од професорката Тања Каракамишева за тоа дека застапеноста на Албанците во Македонија изнесува 16,7 проценти. Зеќири истовремено рече дека бројката на Албанците од 20 насто е важна уставна категорија, од кое зависат уставните, етничките и културните права на Албанците.

„Молкот на албанските функционери во врска со изјавата на професорката Каракамишева, дека наводно, процентот на Албанците во Македонија изнесува 16,7%, е неоправдан. Ги повикувам албанските претставници во Владата, заменик-министерот за внатрешни работи  Нухиу да даде изјава во врска со презентираните податоци од страна на професорката Каракамишева, бидејќи информациите произлегуваат од неговото министерство. Важно е изјавата на Каракамишева да не остане недемантирана, бидејќи не е вистина дека само 16,7% Албанци, односно 375.601 Албанци имаат државјанство. Ако не се демантира, излегува дека половина од Албанците во Македонија немаат државјанство. Овие податоци ги има Министерството за внатрешни работи, каде што имаме Албанец заменик-министер“, вели Зеќири.

 Заменик министерот за внатрешни работи, Нухиу, брзо излезе со одговор.

„Државјанството не е статусот кој ја одредува етничката припадност на граѓаните, туку ја одредува нивната државна припадност. Во контекст на демографското прашање во нашата држава, ви го претставуваме овој факт: според валидните пасоши, 30,4% се Албанци, земајќи во предвид дека има и Албанци кои немаат пасоши и на албански јазик.“, вели Нухиу.

 Дебатата започна по провокацијата на Каракамишева на нејзиниот фејсбук профил.

„Согласно ажурираните податоци за издадени државјанства, во Македонија има нешто повеќе од 2,4 мил.издадени државјанства, од кои 1.883.612 (72,66%) се декларирале како Македонци, 375.601 (16,7%) – Албанци,2,66% Роми, 3,85% Турци, 1,78% Срби,0,84% Бошњаци,0,48% Власи и 1,03% други. Четиво за оние кои се уште се прават недоветни дека не разбираат и не знаат што се случува на Балканот“, напиша Каракамишева.

Професорката, Тања Каракамишева, доби одговор и од Ридван Исмаили, вработен во Државниот завод за статистика, кој направил детална анализа во врска со процентот на Албанците во текот на годините, наталитетот, морталитетот и браковите кај албанското население.

„Ќе претставиме неколку статистички показатели во врска со природното движење на албанското население во Македонија, податоци кои ја отфрлат паушалната изјавата на госпоѓите од типот на Каракамишева и Најчевска:

2008-2012: (35,7%)

2013: 33.1%

2014: 32.4%

2015: 31%

2016: 34.2%

2017: 36.1%

Просек  (2008-2017)=34%” вели Исмаили.

И покрај фактот дека правата на Албанците во Македонија, врз основа на Уставот, зависат од нивниот процент, од Државниот завод за статистика велат дека на пописот кој ќе се одржи во 2020 година, не се предвидува да има графа за етничката и верска припадност за граѓаните на Македонија.

Репортер: Мевлудин Имери

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни