Прв ден од вториот мандат на Заев, на фото кај Пендаровски – ефикасно справување со Ковид-19 и подинамичен економски раст

Претседателот Пендаровски со новите министри и премиерот Заев направија фемили фото на скалите пред претседателката вила на Водно. Од Кабинетот на Пендаровски преку соопштение наведоа дека шефот на државата од оваа Влада очекува сериозно да се посвети на клучните прашања за државата.

Се вчитува...

„Новиот владин состав успешно да работи на клучните прашања за државата, односно интеграцијата во Европската Унија, борба со корупцијата, зајакнување на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните.“, велат од кабинетот на Пендаровски.

Не обединува искрена определба и политичка волја за засилено исполнување на стратешките приоритети во нашата земја, истакна во своето обраќање Заев на приемот кај Пендаровски кој ги повтори приоритетите на Владата.

„Успешно и ефикасно справување со светската пандемија со Ковид 19 на наше македонско тло, нова енергија и решителност во создавањето подинамичен економски раст, одржлив развој, силни институции со ред, правда, ефикасна правна држава и владеење на правото, модерно образование, внатрешна кохезија, активно членство во НАТО, силна волја за успешен почеток и завршница на преговорите по поглавје за членство во Европската унија.“, рече Заев.

Од вилата Водно Заев со дел од министрите замина на средба во Стопанската комора. Тој упати порака за целосна посветеност на Владата на економијата, јакнењето на компаниите, извозот, како и за стабилна даночна политика.

„Преку овој прв состанок, токму овде со Коморите ја испраќаме таа порака за наша целосна посветеност на економијата, на економскиот стандард, јакнење на компаниите, јакнење на извозот во државата, користењето на кризата како можност и предност за уште посилен рестарт на севкупната македонска економија, но и секако повеќе плати, подобар живот за сите наши граѓани.“, изјави Заев.

Како што истакна Неби Хоџа од Комората на Северозападна Македонија идната Влада треба да се фокусира на поттикнување на економскиот раст и развој на земјата.

„Почнавме да разговараме за една Влада која ќе биде економски насочена, Влада која ќе има приоритет да работи во интерес на економијата, од која што очекуваме да бидат принципиелни, одговорни, професионални и со отчетни кадри со конкретна мисија и цели ќе имаат задача да работат во соработка и согласност со бизнисот и исклучиво на европската трансформација на земјата.“, рече Хоџа.

За целосно комплетирање на Владата со вториот и третиот ешалон, премиерот Заев најави и дека најверојатно на почетокот на идната недела пред Собранието ќе бидат предложени и избрани и замениците министри, а потоа ќе бидат именувани и државните секретари и директорите на јавните претпријатија.

.

Извор: ТВ21