Иран денеска ги лансираше првите ракети и дронови кон Израел, но и кон држави во Персискиот Залив, само еден ден откако Мојтаба Хамнеи го наследи својот татко, убиениот ајатолах Али Хамнеи, на позицијата врховен лидер.
Израел истиот ден соопшти дека изведува напади врз, како што наведува, режимска инфраструктура во Иран.
Судирот меѓу двете држави трае веќе десет дена и сѐ посилно го погодува целиот Блиски Исток, додека последиците се чувствуваат и врз глобалната економија.
Неколку часа по објавата дека Иран доби нов врховен лидер, иранската државна телевизија јави дека кон Израел се лансирани проектили.
На снимките е прикажан труп на еден проектил на кој е испишана пораката: „Под ваша команда, Сајид Моџтаба“, што претставува шиитска верска референца и симбол на лојалност на иранските сили кон новиот лидер.
Да потсетиме, израелската војска во понеделник соопшти дека започнала нов бран напади врз Иран, таргетирајќи локации за лансирање ракети, командни центри на Револуционерната гарда и полицијата, како и компанија за ракетни мотори.
Кувајт, Катар, Саудиска Арабија, ОАЕ и Бахраин исто така во понеделник известија за бранови ирански ракети и дронови лансирани во нивна насока.
Ирански дрон повредил 32 цивили, од кои четворица потешко, во Ситра во Бахраин, според тамошното Министерство за здравство.