Во својата прва изјава по изборот за нов државен јавен обвинител, Ненад Савески најавува темелни промени во начинот на работа на обвинителството, со особен фокус на дигитализацијата, елиминирањето на селективната правда и зголемувањето на транспарентноста.
Дигитализација и крај за предметите во фиока
Во изјава за МИА, новиот државен обвинител посочи дека еден од неговите главни приоритети ќе биде целосната дигитализација на работата на обвинителите, што ќе овозможи прецизно следење на нивната ефикасност.
- Савески најави воведување на таканаречен „фиока стоп систем“ – програма која ќе ги лоцира причините за бавната работа и ќе спречи предметите неоправдано да се чуваат во фиоки.
- „Она што јас сакам да направам е да гарантирам радикална отчетност и транспарентност, дигитализација, и услови за работа за еден обвинител непречено да си ја врши својата работа на еден ефикасен и достоинствен начин“, изјави Савески.
- Тој додава дека најчестата критика кон обвинителството е токму бавната работа, а дигитализацијата ќе покаже дали причината лежи во недостиг на стручен кадар и обвинители, или пак недостига помошен персонал.
- Според него, иако во јавноста акцентот често се става на платите, тие не се најголемиот проблем, туку лошите услови за работа.
Нема селективна правда, ниту отворање стари предмети без законска основа
Савески е дециден дека секој отворен предмет мора да добие своја завршница и дека нема да фаворизира случаи само затоа што се популарни во јавноста.
Тој порача дека колку и да е еден предмет од висок јавен интерес, фокусот не смее да се стави исклучиво на него, занемарувајќи ги останатите „помалку важни“ предмети. Во однос на очекувањата за евентуално ревидирање на постари случаи, новиот државен обвинител појасни дека постапките строго ќе се водат според законот.
„Стари предмети не може да отвораш ако тоа е пресудена работа. Си има законска регулатива за повторување на постапки, не зависи тоа од волјата или од очекувањата на некој. Кога има законски услови секако, кога нема законски услови тоа што важи за сите, оние популарни случаи во јавноста, важи и за сите останати“, нагласи Савески.
19-ти државен јавен обвинител
Ненад Савески доаѓа на позицијата како 19-ти државен јавен обвинител на Македонија. Тој го наследува Љупчо Коцевски, кој поднесе оставка во декември минатата година, на истиот ден кога неговото разрешување се најде на дневен ред пред пратениците.
Владата го избра Савески меѓу четворицата кандидати кои добија позитивно мислење од Советот на јавните обвинители. Досега тој ја извршуваше функцијата судија во скопскиот Кривичен суд, а претходно има работено и како јавен обвинител во Скопје и Гостивар.
