Во Турција се одржаа парламентарни и претседателски избори. Граѓаните го избраа претседателот меѓу актуелниот шеф на државата Реџеп Таип Ердоган, главниот опозициски кандидат Кемал Киличдароглу и Синан Оган. Гласачките места се затворени во 17:00 часот по локално време, односно во 16:00 часот по наше време.
Актуелниот претседател на Турција, Реџеп Таип Ердоган, има повеќе од 54,6 отсто од гласовите на претседателските избори, врз основа на 24,66 отсто од преброените гласачки ливчиња, јавува Anadolu Agency.
Неговиот противкандидат Кемал Киличдароглу освои 39,4 отсто од гласовите.
За Синан Оган гласале околу пет отсто од гласачите.
Според агенцијата, излезноста на изборите надминала 88 отсто во гласачките единици во Турција и 45 отсто во избирачките места на дијаспората.
Партијата на Ердоган има убедливо водство на парламентарните избори, јавуваат турските медиуми.
Претседателот на Централната изборна комисија на Турција Ахмет Енер соопшти дека нема позначајни нерегуларности на изборите.
По завршувањето на гласањето говореше претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
„Почитувани пријатели и колеги. Изборниот процес беше завршен на начин кој е во прилог на нашата демократија, фала богу. Сега, како и секогаш, време е да се пребројат гласовите. Додека резултатите не бидат конечни, ние продолжуваме да ја штитиме волјата на нашата нација“, напиша Ердоган на Твитер.
Киличдароглу го искористи своето право на глас во Анкара.