Пуштено видео во судницата: Ивана плаче и вели да не ја удира, додека Стојанче ја снима и се смее!

Во продолжение на судскиот процес против Стојанче Јовановски, обвинителството денеска во судница презентираше видеоснимка која, според наводите, прикажува дел од контекстот на долготрајното семејно насилство врз Ивана Јовановска, која подоцна трагично го загубила животот.

Станува збор за случај во кој Јовановска, според обвинението, била изложена на континуирано психичко и физичко малтретирање, пред да заврши со пад од балкон заедно со својата шестгодишна ќерка Катја на 2 март оваа година.

Првата видео-снимка, презентирана како доказ, датира од 10 февруари 2026 година и е направена со мобилен телефон на обвинетиот. На неа се гледа момент непосредно по пријава до службата 112 за семејно насилство.

На снимката, Ивана Јовановска се наоѓа во ходник пред станот, плаче и повторува дека била удирана, барајќи од сопругот да престане. Таа со прекрстени раце се обидува да се заштити, додека Јовановски ја снима со телефон.

Во видеото се слуша како таа вели: „Не ме удирај веќе“, додека тој одговара дека не ја удира. Во еден момент таа повторно го прашува зошто била нападната, додека тој, според описот на обвинителството, реагира со смеа и иронични гестови.

Обвинителството наведува дека во видеото жртвата пријавува претходни удари и ја изразува својата вознемиреност, додека обвинетиот ја негира вината и ја обвинува неа за инцидентите, при што користи навредлив и понижувачки речник.

Во еден дел од снимката се спомнуваат и тврдења за наводна вмешаност на трето лице, кои се дел од одбранбената верзија на обвинетиот.

Стојанче Јовановски е обвинет дека со години извршувал психичко и физичко насилство врз сопругата, дека ѝ нанел телесни повреди и ја довел во состојба на сериозна психолошка вознемиреност, што, според обвинението, резултирало со трагичниот исход.

Судскиот процес продолжува со изведување на дополнителни докази и сведочења.