Владимир Путин оваа недела ќе ги посети Таџикистан и Туркменистан, а ова ќе бидат први посети на рускиот претседател во странство по почетокот на војната во Украина, објави Ројтерс.
Украинскиот конфликт однесе животи на илјадници, а милиони принуди да ги напуштат своите домови. Тоа доведе и до западни санкции против Русија, што според Путин е предуслов за зајакнување на односите со другите сили, како Кина, Индија и Иран.
Во главниот град на Таџикистан, Душанбе, Путин ќе се сретне со таџикистанскиот претседател Емомали Рахмон, близок сојузник на Русија.
Во Ашгабат рускиот лидер ќе учествува на состанокот на лидерите на Каспискиот регион, на кој ќе присуствуваат и лидерите на Азербејџан, Казахстан, Иран и Туркменистан.
Путин планира да го посети и белорускиот град Гродно на 30 јуни и 1 јули за да учествува на форум со белорускиот претседател Александар Лукашенко, објави руската новинска агенција РИА Новости, повикувајќи се на изјава на претседателката на рускиот парламент Валентина Матвиенко пред белоруската телевизија.