Рускиот претседател Владимир Путин вети дека ќе ги „интензивира“ нападите врз Украина, по неколкудневното воздушно бомбардирање, наведувајќи дека руската војска ќе продолжи да ги гаѓа украинските „воени инсталации“.
Украинскиот воздушен напад врз рускиот град Белгород тој го нарече „намерен напад врз цивили“. Во нападот во саботата загинаа 24 лица, а повеќе од 100 беа повредени.
Зборувајќи со руските војници во понеделникот, Путин рече дека војната се врти во корист на Москва и дека сака војната брзо да заврши, но само под условите на Русија, пренесе Би-Би-Си.
Тој додаде дека западните поддржувачи на Украина се најголемата пречка за завршување на конфликтот, но рече дека нивната реторика почнала да се менува бидејќи почнале да сфаќаат дека не можат да ја „уништат“ Русија.