Свет

Путин му честиташе на Моџтаба Хамнеи за неговото назначување за врховен лидер на Иран

Путин му честиташе на Моџтаба Хамнеи за неговото назначување за врховен лидер на Иран

Рускиот претседател Владимир Путин денеска му го честиташе на новоизбраниот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, изборот за оваа функција, соопшти Кремљ.

„Сега, кога Иран се соочува со вооружена агресија, вашиот труд на ова високо место несомнено ќе бара голема храброст и посветеност. Уверен сум дека ќе го продолжите делото на вашиот татко со чест и ќе го обедините иранскиот народ пред тешките искушенија“, се наведува во честитката на Путин упатена до Хамнеи, пренесува агенцијата Интерфакс.

Путин ја потврди поддршката на Москва кон Техеран и солидарноста со иранскиот народ.

„Русија беше и ќе остане доверлив партнер на Исламската Република Иран. Ви посакувам успех во решавањето на тешките предизвици со кои се соочувате, како и добро здравје и сила на духот“, се наведува во соопштението.

Верската Скупштина на експерти вчера го избра ајатолах Моџтаба Хамнеи (56), син на убиениот претходен врховен лидер ајатолах Али Хамнеи, за трет лидер на Исламската револуција, лидер на Исламската Република Иран и врховен командант на вооружените сили.

Ајатолах Али Хамнеи беше убиен на 28 февруари во американско-израелски напад на неговата резиденција во Техеран, по што иранските власти прогласија 40 дена жалост во земјата, пренесува Танјуг.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни