Рускиот претседател Владимир Путин изјави во понеделник дека „разбирањето“ постигнато со американскиот претседател Доналд Трамп за време на нивниот состанок во Алјаска минатиот месец го отворило патот за мир во Украина, објави Ројтерс. Путин разговарал за ова прашање со државните лидери на самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС) во Кина, соопшти агенцијата.
Киев и неговите западни сојузници ја нарекоа целосната инвазија на Русија врз Украина во февруари 2022 година „империјална војна за освојување за анексија на територии“, додека Русија ја опишува како „специјална воена операција насочена кон демилитаризација и денацификација на Украина“, забележува Ројтерс.
Путин, индискиот премиер Нарендра Моди и лидерите од Централна Азија, Блискиот Исток, Јужна и Југоисточна Азија се собраа на форумот на ШОС во кинескиот град Тјенџин, чиј домаќин беше кинескиот претседател Си Џинпинг.
„Високо ги цениме напорите и предлозите од Кина и Индија насочени кон олеснување на решавањето на украинската криза“, изјави Путин на форумот. „Се надевам дека разбирањето постигнато за време на последната руско-американска средба во Алјаска, исто така, ќе придонесе за (постигнување) на оваа цел“, додаде рускиот претседател.
Тој рече дека вчера разговарал со Си за напредокот постигнат за време на разговорите со Трамп и дека работата „веќе е во тек“ за решавање на конфликтот. Путин додаде дека ќе даде повеќе детали за време на неговите билатерални средби со кинескиот лидер и други шефови на држави.
„За украинскиот договор да биде одржлив и долгорочен, мора да се обрне внимание на корените на кризата“, рече рускиот претседател.
Делумно, конфликтот „се должи на континуираните обиди на Западот да ја внесе Украина во НАТО“, додаде Путин.